Грилиш се извини, се враќа на тренинзите на Евертон

Џек Грилиш им се извини на навивачите на Евертон и на сите во клубот поради однесувањето кое доведе до негово привремено отстранување од тимот.
Англискиот фудбалер пропушти четири натпревари, а последен пат настапи за „карамелите“ на 17 октомври. Клубот му изрече дисциплинска казна поради прекршување на правилата, додека тренерот Дејвид Мојс во тој период не откри детали за инцидентот.
Според информациите во англиските медиуми, Грилиш наводно претерал со консумирањето алкохол во денови кога имал закажани тренинзи.
По неколку недели пауза, офанзивниот играч се врати во составот и доби можност да настапи на пријателскиот натпревар против Дерби.
„Убаво е повторно да бидам на теренот со момците по неколку дена тренинзи. Сакам да им се извинам на навивачите и на сите во клубот затоа што не можев да му помогнам на тимот во изминатите неколку недели. Сакам да играм за овој клуб и едвај чекам повторно да настапам пред вас во дресот на Евертон. Се гледаме наскоро“, порача Грилиш.
Со оваа порака, англискиот фудбалер испрати сигнал дека сака да го остави инцидентот зад себе и повторно да се наметне како важен дел од тимот на Дејвид Мојс.