Група „Б“ ја очекува невидена драма!

Со поразот на Данска од Белгија (2:1) се комплицираше ситуацијата во групата „Б“ каде три репрезентации се борат за второто место.

Белгија избори пласман во осминафинлето со шест освоени бодови по победите над Данска и Русија, додека за второто место ќе се борат Данска, Русија и Финска.

Второто место гарантира пласман во осминафинале, а во таа фаза од натпреварувањето ќе играат и четири најдобро третопласирани репрезентации.

Русија и Финска имаат по три бода, а Данска е без бодови.

Иако се чини дека Данците се во најлоша ситуација, нивните шанси се доста добри.

Во последното коло Данска игра против Русија во Копенхаген, додека Белгија во Санкт Петербург ќе се сретне со Финска.

Ако по третото коло Данска, Финска и Русија имаат еднаков број на бодови, тогаш најпрво ќе се формира мини-табела со овие три репрезентации и ќе се гледаат нивните резултати во меѓусебните натпревари.