Гундоган: Имав многу понуди, но го избрав Галатасарај

Илкај Гундоган имал многу опции за продолжување на кариерата, но тој го избрал турскиот фудбалски клуб Галатасарај. Ова го изјави лично поранешниот германски репрезентативец, кој ќе биде трансфериран од Манчестер Сити до крајот на оваа недела.
Во Галатасарај, тој ќе игра со својот соиграч во германската репрезентација Лерој Сане.
„Среќен сум. Ова е прекрасен ден за мене и моето семејство. Среќни сме што сме тука и се надевам дека ќе се адаптираме што е можно побрзо“, рече Гундоган по слетувањето во Истанбул.
„Имаше и други заинтересирани страни, но мојата желба беше Галатасарај. Почнавме преговори во мај или јуни. Клубот требаше да реши некои работи со Виктор Осимен и Лерој Сане, па морав малку да почекам. Сепак, сè си дојде на свое место и станав дел од семејството Галатасарај“, продолжи поранешниот германски репрезентативец.
„Добри пријатели сум со Сане и игравме добро заедно низ годините. Се сретнав и со тренерот пред два дена, по што работите се одвиваа многу брзо. Се вратив дома и сум среќен. Со нетрпение очекувам да го видам тимот и да излезам на теренот со него“, заклучи Гундоган.