Дарко Велковски претставен во својот клуб во Бахреин

Вардар во продолжението од сезоната ќе биде без искусниот дефанзивец Дарко Велковски, кој направи нов интернационален трансфер и кариерата ќе ја продолжи во Бахреин.

31-годишниот стопер потпиша договор со Ал-Калдија, со што по вторпат во својата кариера заминува од редовите на скопскиот клуб. Велковски во јануари годинава се врати во Вардар и веднаш се наметна како важен дел од тимот, а беше во составот и на стартот од новата сезона.

Македонскиот репрезентативец професионалната кариера ја започна во Работнички, по што во 2015 година се пресели во Вардар. Со „црвено-црните“ освои две шампионски титули, во сезоните 2015/16 и 2016/17.

По првиот период во Вардар, Велковски замина во Хрватска и го облече дресот на Риека. Со овој клуб освои два Купа на Хрватска. Во продолжение од кариерата настапуваше и за Ал-Етифак, Динамо Букурешт, Нирѓехаза и Зрињски Мостар, пред повторно да се врати во Скопје.

Сега искусниот дефанзивец ќе има нов предизвик во кариерата. Во Бахреин ќе го носи дресот на Ал-Калдија, додека Вардар ќе мора да најде решение за неговото заминување и да ја продолжи сезоната без еден од поискусните играчи во одбраната.