Дарко Илиески потпиша за Силекс

Силекс продолжува активно да го комплетира играчкиот кадар пред стартот на новата сезона, а денес клубот го потврди ангажманот на искусниот дефанзивец Дарко Илиески.

Триесетгодишниот стопер во Кратово пристигнува по настапите за ГФК Охрид и треба да биде едно од клучните засилувања во последната линија на тимот.

Во својата кариера Илиески има настапувано за голем број клубови. На домашната сцена ги бранеше боите на Металург, Победа, Тиквеш, Борец, Пелистер, Струга, Шкупи и Охрид, додека надвор од Македонија играше за Ширак од Ерменија, словенечки Копер, таџикистански Истиклол и албански Билис.

Со неговото доаѓање Силекс добива дополнително искуство во одбраната пред предизвиците што го очекуваат во новата сезона, во која кратовци ќе се натпреваруваат на европската сцена преку квалификациите за Конференциската лига, но и во Првата македонска фудбалска лига.