Двата гола на Кејн спречија сензација, Англија со мака го елиминира ДР Конго

Репрезентацијата на Англија со двата гола на Хари Кејн во второто полувреме успеа да го скрши отпорот на Конго, да победи со 2-1 и да обезбеди пласман во осминафиналето на Светското првенство.

Натпреварот започна шокантно за Англичаните, откако Кипенга постигна гол за изненадувачко водство на Конго од 1-0 уште во седмата минута од средбата.

Англија веднаш тргна во офанзива бркајќи израмнување, но нивните напади беа јалови. На спротивната страна, Конго се закануваше преку брзи контранапади и многу лесно можеше да се случи да поведе и со 2-0, но за среќа на Англичаните, стативата го спаси голот на Пикфорд.

Притисокот на Англичаните конечно вроди со плод во 75. минута, кога по одлична асистенција на Гордон, Кејн со прецизен удар со глава израмни на 1-1.

Десет минути подоцна, Гордон повторно го пронајде својот капитен, а Кејн мајсторски си избори простор во шеснаесетникот и упати вистинска „бомба“ за комплетен пресврт и водство од 2-1.

До крајот на мечот Англичаните рутински ја сочуваа предноста и се израдуваа на големата победа и пласманот во следната фаза.

Следен противник на Англија во осминафиналето е селекцијата на Мексико, која игра во голема форма и има четири победи од исто толку натпревари на Мундијалот.