Два гола на Мбапе на стотиот настап, Франција пресилна за Ирак

Фудбалерите на Франција го совладаа Ирак со 3:0 (1:0) во натпревар од второто коло во групата И на Светското првенство 2026.
Дуелот во Филаделфија ќе остане запаметен по двочасовниот прекин предизвикан од силно невреме и грмежи, поради што целиот натпревар траеше речиси четири часа.
Според безбедносните правила во САД, доколку гром удри во радиус од 13 километри од стадионот, натпреварот мора да биде прекинат најмалку 30 минути, а гледачите и учесниците да бидат преместени на безбедно место.
Французите уште од самиот почеток ја презедоа контролата врз играта и постојано го притискаа противничкиот гол. Ирак најчесто се бранеше и се обидуваше да се закани преку контранапади, додека избраниците на Дидие Дешан трпеливо ја градеа играта.
Наградата за доминацијата стигна во 14. минута кога Килијан Мбапе постигна прекрасен погодок за водство од 1:0. За капитенот на Франција ова беше јубилеен 100. настап во националниот дрес, кој го одбележа на најдобар можен начин.
Набргу потоа следуваше големото невреме кое го одложи почетокот на второто полувреме за цели два часа.
По продолжението на натпреварот Франција уште посилно притисна. Во 54. минута Мбапе искористи голема грешка на ирачката одбрана и го постигна својот втор погодок на натпреварот, а четврти на турнирот.
Само неколку минути подоцна Мајкл Олисе ја погоди пречката, Адриен Рабио промаши празен гол, а конечните 3:0 ги постави Усман Дембеле во 66. минута со одличен удар во подалечниот агол.
До крајот Французите рутински ја контролираа играта и без проблеми ја сочуваа предноста.
Со оваа победа Франција стигна до шест бода и веќе обезбеди место во нокаут-фазата на Светското првенство, додека во последното коло ќе игра против Норвешка во директна битка за првото место во групата.