Два гола на Ундав, Германија ги порази „слоновите“

Фудбалската репрезентација на Германија со драматичен пресврт го совлада Брегот на Слоновата Коска со 2-1 во натпревар од 2. коло во групата Е на Светското првенство.
Апсолутен херој на „панцерите“ беше резервистот Дениз Ундав, кој влезе во игра во 60. минута и целосно го промени текот на натпреварот. Напаѓачот најпрво израмни во 68. минута, а потоа во четвртата минута од судиското продолжение го постигна победничкиот гол за големо славје на Германците.
Германија така од работ на пораз стигна до победа со која направи огромен чекор кон осминафиналето на Мундијалот. Судбината на првото место во групата ќе ја решава во последното коло против Еквадор.
Првиот удар го зададоа Африканците. Брегот на Слоновата Коска поведе во 30. минута преку Франк Кеси и долго време изгледаше дека ќе стигне до големо изненадување.
Селекторот Јулијан Нагелсман реагираше со измени, а токму неговите џокери ја донесоа пресвртницата. Асистент при израмнувачкиот гол беше Амине Амири, кој заедно со Ундав влезе во игра во второто полувреме. Амири испрати прецизна топка пред голот, а Ундав се најде на вистинското место за 1-1.
По израмнувањето темпото на игра малку опадна, но драмата следуваше во самата завршница.
Трагичар кај „слоновите“ беше Симон Адингра, кој во 88. минута не успеа да ја искористи идеалната асистенција од искусниот Николас Пепе. Наместо да го реши натпреварот, тој ја пропушти најголемата шанса за својот тим.
Казната стигна експресно.
Германците претходно имаа уште неколку добри можности, но голманот Фофана со одлични интервенции го спасуваше својот тим. Сепак, во 90+4 минута не можеше ништо да направи.
Ундав уште еднаш покажа класа и со својот втор гол на натпреварот донесе победа вредна нокаут-фаза.
Со овие два погодоци напаѓачот стигна до бројката од три гола на турнирот и моментно е најдобар стрелец на Германија на Светското првенство, иако на двата натпревари досега влегуваше од клупата за резерви.