Две понуди за трансфер на Столе Димитриевски следното лето
Фабрицио Романо кој важи за експерт за фудбалски трансфери, денес излезе со сензационална најава на социјалните мрежи. Македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски, на маса има понуди од две екипи од Ла Лига и веќе во јануари ќе ги започне преговорите за трансфер.
Се работи за најтрофејната екипа во Лигата на Европа, Севиља, како и поранешниот освојувач на истото ова натпреварување, Виљареал.
Договорот кој Столе Димитриевски го има со сегашниот клуб Рајо Ваљекано истекува следното лето и трансферот би го направил како слободен агент, а веќе во јануари ќе започнат преговорите за личните услови. Нашиот репрезентативен голман веќе петта сезона е незаменлив на голот на клубот од предградието на Мадрид, а импресивни се и неговите настапи оваа сезона, што секако го привлече вниманието на големите шпански клубови.
Столе Димитриевски кој потекнува од Куманово, своите први сениорски настапи ги имаше за екипата на Работнички, каде мина две сезони. Следуваше трансфер во Удинезе, каде не доби шанса и беше позајмуван во Гранада и Кадиз, па преку Гимнастик во 2019-тата пристигна во Рајо Ваљекано.
Димитриевски има 64 настапи за репрезентацијата на Македонија и е рекордер помеѓу голманите, а според бројот на настапи е меѓу 10-те на вкупната листа на фудбалери со најмногу репрезентативни настапи.