Дебакл во Порто, вардарци елиминирани уште во групната фаза на ЕЛ

Вардар 1961 загуби на гостувањето кај Порто со 37-24 (17-10) во дуел од Европската лига на ЕХФ.

На тој начин „црвено-црните“ ги загубија шансите за пласман во следната рунда, откако беа поразени од истиот ривал и во Скопје.

Вардар 1961 имаше сили до средината на првото полувреме кога губеше со два гола разлика, а од тој момент домашниот тим ги презеде работите во свои раце и до крајот успеа да запише убедлива победа.

Валдеш со девет гола беше најдобар стрелец кај португалскиот тим, додека Фернандеш реализираше пет. Кај Вардар, Срдановиќ даде шест гола, а Георгиевски и Крсманчиќ погодија по три пати.

До крајот на Европската лига за Вардар остануваат уште два меча – против Мелсунген на домашен терен и против Валур на гостински терен.