Дебакл на Челзи, пораз од Нотингем на „Стемфорд бриџ“

Челзи продолжи да тоне во Премиер лигата, откако го забележа и шестиот последовен пораз. За разлика од претходните пет, „сините“ , барем постигнаа гол, во поразот на домашен терен од Нотингем Форест (1-3).

Екипата на Нотингем Форест го отвори натпреварот фуриозно. Веќе во втората минута, мрежата ја затресе Таиво Авонији, кој со удар со глава им донесе предност на „Шумарите“. Истиот играч избори пенал, од кој во 15-та минута, Игор Жежус, погоди за 0-2.

Во финишот на првиот дел се случи вистинска драма на „Стенфорд Бриџ“. Дебитантот во синиот дрес, 18-годишникот Џеси Дери, доживеа сериозна повреда на главата, по сударот со дефанзивецот на Нотингем Форест, Зак Абот. По силниот контакт со главите, тој остана неподвижен на тревата, што предизвика голема загриженост на стадионот.

Медицинските екипи реагираа брзо и му пружија помош речиси десет минути. Играчот на крајот беше изнесен од теренот.

Инцидентот му претходеше на досудениот пенал за Челзи, но ударот на Кол Палмер го одбрани голманот Селс.

Конечниот удар на Челзи му го зададе играчот на натпреварот, Авонији со својот втор гол во 52-та минута.

Почсениот гол за Челзи, беше вистински ремек дело на Жоао Педро. Бразилецот со ножички погоди во 93-та минута.

Тимот на португалскиот тренер Витор Переира, кој е четврти менаџер на Нотингем оваа сезона, е се поблиску до математички опстанок во елитните редови на англискиот фудбал и може мирно да се насочи кон европските обврски. Пред „шумарите“ е реваншот од полуфиналето на Лигата на Европа против Астон Вила, а натпреварот во Бирмингем е закажан за в. четврток.