Девет гола во Тетово, Шкендија со убедлива победа над младиот состав на Македонија ЃП

Тетовска Шкендија немаше проблеми да се справи со младиот состав на Македонија ЃП во рамките од денешниот натпревар од 13. коло во ПМФЛ. „Црвено-црните“ на крајот запишаа убедлив триумф со 7-2. Гостинот на овој натпревар играше со многу изменет состав, и со дури девет играчи под 18 години. Единствено интернационалците Еступињан и Кабаркас беа во ростерот од искусните играчи. Во една таква ситуација немаа сила да парираат на далеку поискусниот состав на Шкендија, иако на моменти солидно се носеа со противничките фудбалери. Триумфот на тетовци можеше да биде и поубедлив ако беа искористени уште неколкуте шанси, особено во финишот на мечот.

После првото полувреме, Шкендија имаше солидна предност од 3-1, и со оглед на случувањата на теренот се чини уште тогаш ги имаше обезбедено сите три бодови.

Уште во 8. минута Мазари зема топка од средината на теренот, стигна на 16-17 метри од голот на Македонија ЃП, иако шутот беше по средината, сепак, Јовчев не успеа да одбрани, па топката заврши во голот. Во 16. минута 2-0 за Шкендија. Мазари прими топка на 20 метри на средината, го проигра по лево Флорент Рамадани, а овој со прецизен шут го совлада Јовчев.

Во 19. минута Македонија ЃП се врати во игра. По еден противнапад, Стефанов од левата страна ја упати топката на петерецот, таму недоразбирање на одбраната на Шкендија и голманот, по што топката стигна до осамениот Етеми, кој само ја спроведе во празната мрежа.

Се играше 25. минута кога беше досуден пенал за Шкендија. Фитон Адеми ја презеде одговорноста, но Јовчев успеа да му одбрани. Во 30. минута, сепак, 3-1 за Шкендија. По изведен корнер и мешаницата во петерецот, Ибраими додаде до Мелиќи кој од свртување успеа да упати удар, и да го матира Јовчев.

И покрај тоа што на стартот на вториот дел Шкендија ја имаше иницијативата, сепак, првата шанса дојде од гостите. Удар на Талевски кој успеа да го одбрани Рамани. Оваа прилика како да ги „разбуди“ домашните, па следуваше одличниот обид на Ибраими, кој со уште поубава парада го одбрани Јовчев во корнер.

Адхе Мазари во 67. минута зголеми на 4-1. Откако доби топка од Адеми, шутираше млако, но крајно прецизно и го совлада Јовчев за Шкендија првпат да има +3 гола предност. Шкендија не застана тука, во 73. минута Фитон Адеми погоди со волеј, по асистенцијата од Красниќи за највисоки 5-1.

Дефанзивецот на Шкендија Егзон Белица се уфрли во нападот и со глава погоди во 80. минута за предност и од 6-1 на тимот од Тетово. Три минути подоцна Латифи се проби по левата страна, и шутираше прецизно во голот на гостите од Ѓорче Петров за седми гол за Шкендија на овој натпревар.

Македонија ЃП успеа да намали во 89. минута. Центаршут од десната страна, а Омер Сулејмани со глава успеа да постигна гол и да намали на 7-2, што беше и конечен резултат од овој меч.