Девет гола на „Крејвен Котиџ“, нов рекорд на Ерлинг Халанд

Фулам и Манчестер Сити приредија вистинска голеада на „Крејвен Котиџ“, а конечниот резултат во Западен Лондон беше 4-5 (1-3).
„Граѓаните“ влегоа во овој натпревар како фаворити, што го покажаа во првото полувреме со головите на Ерлинг Халанд, Тижани Рејндерс и Фил Фоден во 17., 37. и 44. минута.
Емил Смит Рау го намали водството на гостите во втората минута од судиското продолжение во првото полувреме.
Во вториот дел Сити дојде до предност 5-1 благодарение на вториот гол на Фоден во 48. минута и автоголот на Сандер Берге во 54. минута.
Сепак, друг поранешен играч на Арсенал, Алекс Ивоби, му даде поттик на Фулам со гол во 57. минута, а домашните се заканија со пресврт преку Самуел Чукувезе, кој постигна гол во 72. минута, а потоа и во 78. минута.