Депортиво Ла Коруња го враќа во Шпанија Обамејанг

Депортиво Ла Коруња се врати таму каде што неговите навивачи отсекогаш сметаа дека му е местото, во шпанската Примера, а камбекот во елитата би можел да го одбележи со звучно засилување.
Според последните информации, Пјер-Емерик Обамејанг е на чекор до трансфер во Депортиво, откако ја прифатил понудата на клубот од „Ријазор“. До официјализација на зделката останува двете страни да ги усогласат последните детали, по што се очекува договорот да биде потпишан.
Шпанскиот клуб на Олимпик Марсеј треба да му исплати околу 1,5 милиони евра обесштетување, додека искусниот напаѓач би потпишал двегодишен договор. Иако има важечки договор со францускиот клуб до летото 2027 година, Марсеј е подготвен да го ослободи за релативно скромна сума.
И покрај тоа што во јуни следната година ќе наполни 38 години, Обамејанг и натаму покажува дека може да игра на највисоко ниво. Минатата сезона во француското првенство постигна 10 голови и запиша пет асистенции, а беше стрелец и во Лигата на шампионите, како и во Купот на Франција.
Доколку трансферот се реализира, тоа ќе биде едно од најзвучните засилувања во поновата историја на Депортиво Ла Коруња.