Де Лаурентис: Осимен и Кварацхелија остануваат во Наполи
Медиумите од Италија пренесуваат дека претседателот на фудбалскиот клуб Наполи, Аурелио де Лаурентис изјави оти нема намера да ги продава двајцата најдобри фудбалери во екипата, Виктор Осимен и Квича Кварацхелија.
„Добар сум во склучување на договори со фудбалерите, па кога ќе пристигнат во Наполи не е тешко да ги задржиш во клубот. Меѓутоа некогаш постојат понуди кои едноставно не можат да се одбијат. Што се однесува до мене двајцата фудбалери ќе ги гледаме уште долго во нашиот клуб“, изјави Де Лаурентис.
Наполи е убедлив во Серија А и го зазема првото место на табелата со 62 бода, 15 повеќе од второпласираниот Интер. Својата последна титула во италијанскиот шампионат Наполи ја освои во 1990.година.