Диего Форлан го смени спортот, се пријави за настап на тениски турнир
Поранешниот уругвајски напаѓач Диего Форлан, следниот месец ќе игра на професионален тениски турнир во родното Монтевидео, објавија организаторите.
Сега 45-годишниот Форлан, кој ја заврши фудбалската кариера во 2018 година, од неодамна активно се занимава со тенис и има настапувано на неколку турнири за ветерани, но во ноември ќе игра на АТП „челинџерот“ во конкуренција на двојки, а партнер ќе му биде Аргентинецот Федерико Корија, моментално 101-от играч во светот.
Форлан и Корија добија покана од организаторите за турнирот кој од 11 до 17 ноември ќе се одржи во главниот град на Уругвај.
Во текот на својата фудбалска кариера, Форлан забележа 112 настапи и постигна 36 гола за репрезентацијата на Уругвај, со која го освои јужноамериканскиот шампионат во 2011 година, а ги носеше и дресовите на европските гиганти Манчестер Јунајтед, Атлетико Мадрид и Интер.