Диего Шварцман ја заврши тениската кариера
![](https://blog.evrotip.mk/blog2/wp-content/uploads/2025/02/477097348_1181236676681889_3504962696002825867_n.gif)
Диего Шварцман, еден од најдобрите аргентински тенисери во последната деценија, го одигра последниот меч во кариерата.
Во второто коло на АТП 250 турнирот на земјена подлога во Буенос Аирес, Шпанецот Педро Мартинез го надигра Шварцман и го совлада со 6:2, 6:2. Шварцман претходно најави дека оваа недела ќе биде последна во неговата професионална кариера.
Аргентинските навивачи целосно го исполнија стадионот во Буенос Аирес, а последниот гем траеше десетина минути поради постојаните овации и пеењето на домашните навивачи кои на овој начин му се заблагодарија на Шварцман.
32-годишниот Аргентинец се повлече како 386. играч на АТП-листата. Во кариерата има освоено четири АТП турнири. Тој победи три пати на земјена подлога, во 2016 година во Истанбул, 2018 година во Рио де Жанеиро и 2021 година во Буенос Аирес, додека го освои и Лос Кабос на тврда подлога во 2019 година. Десет пати играше во финалето.
Пред пет години, Шварцман беше меѓу првите десет во светот, а осмото место беше неговото најдобро достигнување во кариерата. Тој играше во полуфиналето на Ролан Гарос во 2020 година, кога беше поразен од Рафаел Надал, додека двапати беше во четвртфиналето на Ју-ес опен, во 2017 и 2019 година.