Димевски: Медалите од Таранто се потврда дека имаме спортска иднина

Претседателот на МОК, Даниел Димевски го оцени настапот на Игрите во Таранто како исклучително успешен, посочувајќи дека шесте медали се потврда за квалитетот на македонските спортисти и за нивната посветена работа.

„Овие одличја се освоени со огромен труд на спортистите, нивните тренери и федерациите, а се радост за целата македонска јавност. Македонскиот олимписки комитет ги овозможи сите услови на овие медитерански игри а нивниот настап потврдува дека Македонија има спортисти кои можат да се борат за највисок пласман на големи меѓународни натпревари“, истакна Димевски.

Посебно место во македонскиот настап во Таранто има Матеј Белистојановски, кој го освои златниот медал во карате во категоријата до 67 килограми. -Пресреќен сум што успеав да го освојам златниот медал и да ја направам Македонија горда. Овој успех е резултат на многу работа, тренинзи и одрекувања. Благодарен сум на сите кои беа со мене и ме поддржуваа“, истакна Белистојановски,

Покрај него, Фати Вејсели освои сребро во борење слободен стил до 74 килограми, а Реџеп Хајдари сребро во категоријата до 97 килограми. Вероника Консевиќ освои бронзен медал во борење слободен стил до 57 килограми, Ахмад Магомедов бронза во категоријата до 86 килограми, додека Ален Рустемовски се закити со бронза во бокс во категоријата до 60 килограми.

Петар Спасеновски, шеф на македонската делегација во Таранто, истакна дека постигнатите резултати се круна на долгогодишната работа и подготовките на македонските репрезентативци. -Медитеранските игри се натпреварување со исклучително силна конкуренција и секој освоен медал има голема тежина. Нашата делегација покажа борбеност, професионалност и квалитет. Како шеф на делегацијата, особено сум горд на начинот на кој нашите спортисти ја претставуваа Македонија во Таранто. Имавме навистина огромен предизвик како делегација, затоа што на сите мултиспортски случување, секогаш има некаков проблем, дали е тоа транспортот, сместувањето и слично. Но, ние направивме се во наша можност за нашите спортисти тоа да не го почувствуваат и да се грижат само за да остварат подобар резултат“, рече Спасеновски.

За успехот на македонските борачи зборуваше Могамед Ибрагимов, кој истакна дека четирите медали од борењето се потврда за квалитетот и континуираната работа во овој спорт.

„Четири медали во борење на едни Медитерански игри е огромен резултат. Тоа покажува дека имаме квалитетни борачи и дека работата што ја вложуваме дава резултати. Овие медали се мотив да продолжиме уште посериозно и да создадеме услови за уште поголеми успеси на следните големи натпреварувања“, истакна Ибрагимов.