Димитриевски: Кога и да дојдам на прес, не примаме гол, се надевам дека така ќе биде и со Велс!

Македонија во Скопје во рамките на вториот квалификациски меч за Светското првенство (СП) го пречекува Велс, а македонскиот голман Столе Димитриевски изјави дека пред нив е тежок противник.

Димитриевски зборуваше за кобната ноќ во дискотеката во Кочани, каде што 59 лица го загубија животот и посочи дека сè уште се чувствува тага по трагедијата.

„Целиот македонски народ во овој момент е повреден, мене ми беше тешко да заспијам наредниот ден кога видов што се случи. Единствено нешто што му треба на македонскиот народ во овој момент е љубов и сплотеност“, вели Димитриевски.

Чуварот на мрежата на Македонија кажа и дека се надева дека ќе ја продолжи традицијата, односно нема да прими гол против Велс.

„Сакав да присуствувам на прес-конференцијата затоа што тоа е како некоја традиција. Секогаш кога сум тука, не примаме голови. Се надевам дека така ќе биде и сега, ако не примиме гол, имаме најмалку реми, а зошто не и победа“, додаде првиот голман на македонската фудбалска репрезентација.