Димитриевски парично казнет за изјавите околу голманската позиција во Валенсија

Столе Димитриевски вчера се врати во Валенсија на клупски обврски по тешкиот пораз кој го претрпе Македонија во Кардиф, но пречекот во шпанскиот град не беше воопшто добар, пред се поради фактот што новинар на „Ел Чирингито“ го следеше македонскиот голман од аеродромот, па се до влегувањето во автомобилот.
Причина за тоа беа експлозивните изјави кои ги даде Димитриевски при гостувањето во подкастот на Стефан Лазаров, па иако Столе вчера не сакаше ништо јавно да каже пред камерите, ова утро имал разговор со тренерот Карлос Корберан, по кој заклучил дека направил голема грешка.
Македонскиот чувар на мрежата лично му се извинил на Корберан и на целиот стручен штаб, а потоа и на сите соиграчи во соблекувалната на Валенсија.
Ова денеска го откри тренерот Корберан на прес-конференцијата во пресрет на утрешното дерби со Леванте, но исто така обелодени дека Димитриевски ќе добие и парична казна поради прекршување на дисциплинскиот кодекс во тимот.
„За нас целиот фокус во изминативе две недели е утрешниот натпревар со Леванте. Столе се врати вчера и денеска можевме да разговараме со него. Прво тоа го направив поединечно, а потоа и во соблекувалната пред соиграчите. Играчот се извини за своите изјави кои беа погрешни и неточни, бидејќи во Валенсија никој не игра поради одредени точки во договорот. Тој е свесен за ова и им се извини на соиграчите во соблекувалната, но исто така и на другиот персонал од стручниот штаб. Јас ги почитувам моите дисциплински прописи и тој ќе добие соодветна финансиска казна. Со тоа, случајот на Димитриевски го сметам за затворен“, – изјави Корберан, кој додаде дека ова нема негативно да влијеа врз спортските одлуки кои ќе ги носи за Столе.