Димитријевиќ заради Месина заминува од Милано

Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ веројатно ќе го напушти Милано по само една сезона.
Димитријевиќ пристигна во Милано претходното лето, зад себе има солидна сезона (7,6 п, 2,9 ас) и неколку забележителни натпревари (на Реал му даде 22 поени, на Панатинаикос 15, на Фенербахче 15…), но тренерот Еторе Месина во моментов не смета на него.
Последниот меч за Милано Димитријевиќ го одигра на почетокот на април, против Реџана во лигата (9 мин, 4 п.).
Тој отсуствуваше на следните три натпревари, а италијанските медиуми пренесуваат дека Македонецот ќе го напушти тимот на крајот од сезоната иако има уште една година од договорот со клубот.
Неговиот поранешен клуб Уникс, каде Димитријевиќ ги одигра најдобрите натпревари во кариерата, сака да го врати во своите редови.
„Проблемот е што тој има договор со Милано и за следната сезона. Ненад сака да игра, а ние се обидовме да го доведеме пред почетокот на плеј-офот, но Месина беше тврдоглав. Очигледно, Месина не ја сака Русија иако работеше тука долги години со голем успех”, изјави долгогодишениот функционер во клубот, Евгениј Богачев.