Димитров не освои ниту гем и неславно испадна во Монте Карло

Бугарскиот тенисер Григор Димитров на неславен начин е елиминиран во четвртфиналето на Мастерсот во Монте Карло.

Алекс де Минор беше подобар од 18. тенисер во светот, што само по себе не е изненадување, изненадување претстаува резултатот. Австралиецот по само 45 минути игра се пласира меѓу четирите најдобри во Кнежевството.

Де Минор на противникот не му дозволи да освои ниту еден гем, победи со 6:0, 6:0.

Тоа е негова трета последователна победа над Бугаринот и прво полуфинале на земјана подлога и второ полуфинале во кариерата на Мастерс турнирите.

Што да се каже за самиот меч во кој еден тенисер ги доби сите 12 гема? Димитров за кратко време направи 23 неизнудени грешки, односно три пати повеќе од противникот.

Познато е дека Димитров не сака да игра на оваа подлога, но не толку за да не освои ниту еден гем. Особено против Де Минор, кој и самиот не е специјалист за земјена подлога.

Мора да се признае дека десеттиот тенисер го игра најдобриот тенис во кариерата на земјена подлога бидејќи на претходните три меча во Монте Карло против Махач, Медведев и Димитров испушти само седум гема.

Де Минор за финале ќе се бори против подобриот од дуелот меѓу Лоренцо Музети и Стефанос Циципас. Втората полуфинална двојка ја сочинуваат Шпанците Карлос Алкараз и Алехандро Давидович Фокина.