Динамо Загреб сонува за враќање на Модриќ
Хрватските медиуми „Индекс“ и „24сата“ пренесуваат вест за сензационално враќање на ѕвездата Лука Модриќ во Динамо Загреб.
Хајдук во зимскиот преоден рок ги врати Иван Перишиќ и Јосип Брекало, додека Модриќ сега би можел да биде одговорот за составот на тимот од Загреб. Но, покрај Модриќ се споменува и Дејан Ловрен.
Договорот на Модриќ со Реал Мадрид истекува следното лето и како што стојат работите во моментов нема да му биде понудено продолжување на договорот.
Се шпекулираше за понуда да работи во стручниот штаб на Реал, но Модриќ сака да продолжи да игра фудбал.
Информациите од Хрватите се дека првиот човек на Динамо Мирко Баришиќ контактирал со Модриќ и му рекол дека вратата во неговиот матичен клуб е секогаш отворена за него и сакаат да го видат во дресот на „сините“.
Се додава и дека за понудата е заинтересиран и Модриќ и преговорите треба да се интензивираат во наредните денови. Доколку Модриќ се пресели во Динамо Загреб, тоа ќе биде негово враќање во овој клуб по 18 години.