Директорот на Интер откри дека клубот преговара со Лукаку и Дибала

Извршниот директор на Интер, Џузепе Марота, призна дека клубот има намера да ги привлече напаѓачите Ромелу Лукаку и Пауло Дибала. Пред радио „Раи“, 65-годишниот Марота откри што е сработено и што треба да се направи до крајот на летниот преоден рок.

„Се обидуваме да потпишеме со Лукаку и Дибала. Сепак, денеска сигурно нема да објавиме договор за Лукаку. Има големи шанси да го вратиме, но има уште работи кои треба да ги решиме. Ќе видиме што ќе се случи “, рече Марота.

Според италијанскиот печат, Интер е подготвен да плати 10 милиони евра за едногодишна кирија на белгискиот напаѓач на Челси и да му ја покрие целата плата. Пред една година миланскиот гигант го продаде Лукаку на Челси за повеќе од 100 милиони евра. Воедно, Дибала е слободен играч, а претставници на Аргентинецот неколку пати биле забележани како разговараат со раководството на Интер.