Добри вести од Мелбурн, сите тенисери се негативни на КОВИД-19

Сите 507 играчи и вработени на Австралија Опен, кои беа сместени во хотелот во кој работник беше заразен со коронавирус, се негативни на КОВИД-19 и добија одобрение да учествуваат на првиот гренд слем турнир сезонава, изјави директорот на турнирот, Крег Тајли.
„Сите кои се тестираа се негативни. Ова е навистина добар резултат, не само за заедницата, туку и за тенисерите.“ – изјави Тајли.
Сите од хотелот Гранд Хајат мораа на тестирање, откако еден од работниците беше заразен со вирусот. Поради тоа, 160 тенисери и тенисерки, како и тренери, мораа во самоизолација. За среќа, тоа беше само еден ден, додека не се направија тестовите.
Од повеќе од 1.200 играчи, тренери и официјални лица кои долетаа на турнирот, досега се забележани осум заразени со КОВИД-19.
Шпанската тенисерка Паула Бадоса, е единствена од натпреварувачите која се зарази со вирусот, но во средата беше пуштена од хотелскиот карантин.
Државата Викторија, чиј главен град е Мелбурн, денеска не извести за нови случаи на коронавирус.
Властите одобрија до 30 илјади навивачи дневно на Австралија Опен кој започнува во понеделник, што е околу 50 отсто од капацитетот.