Дождот го откажа Мото ГП-спектаклот на „Филип Ајленд“

Трката за Големата награда на Австралија во Мото ГП шампионатот не се одржа поради силниот дожд и намалена видливост на патеката „Филип Ајленд“.
Организаторите најпрво го одложија стартот на трката, со надеж дека временските услови ќе се подобрат, но дождот продолжи да врне, а проблем претставуваше и видливоста која не дозволи да полета медицинскиот хеликоптер.
Претходно беа откажани и трките во категориите Мото 2 и Мото 3, а откажувањето на главната трка во Мото ГП е тажен ден за љубителите на спортот бидејќи ова требаше да биде последната трка за Големата награда на Австралија на легендарната патека Филип Ајленд, која повеќе од три децении беше дел од календарот на Светскиот шампионат.
Од следната сезона австралиската трка треба да се вози на улична патека во Аделаида.