Дончиќ со настап на кариерата, се „поигруваше“ со Њу Орлеанс! (видео)
Далас Маверикс синоќа го победија Њу Орлеанс со 143:130 со фантастичен настап на Лука Дончиќ.
Неверојатниот словенечки кошаркар за 40 минути на паркетот постигна 46 поени, што му е најдобар учинок во кариерата. Дончиќ имаше шут од игра 17/30, погоди пет од осум тројки, а слободни фрлања погодуваше 7/9. Покрај тоа, Дончиќ запиша и 12 асистенции, а за трипл-дабл му недостасуваа два скока.
Неговиот досегашен рекорд беше 42 поени, колку што имаше постигнато на три натпревари, а еден од тие беше минатата недела против Голден Стејт. Ова за него беше 13. натпревар по ред сезонава во кој постигна повеќе од 25 поени, што е рекорд на клубот.
Одличен беше и неговиот соиграч Кристапс Порзингис, кој додаде 36 поени. Латвискиот центар висок 221 сантиметар погоди осум тројки, вклучувајќи и една од осум метри. Додаде седум скокови и една асистенција, а и за него ова беше најдобар натпревар откако е дојден во НБА лигата.
Дончиќ и Порзингис заедно постигнаа дури 82 поени, а на Њу Орлеанс не му помогна ниту одличниот Вилијамсон кој постигна 36.