Дориев е странец на годината во Узбекистан

Македонскиот интернационалец Љупчо Дориев ја заокружи сезоната во голем стил и денеска во Узбекистан беше официјално прогласен за најдобар странски фудбалер во првенството. Офанзивецот имаше извонредна година во дресот на Согдијана и се наметна како еден од најважните играчи во лигата.
Дориев одигра 30 натпревари и постигна 16 голови, учинок кој силно одекна кај локалната јавност и целосно го оправда изборот. Ова му е трета сезона во Узбекистан, а по заминувањето од Шкендија и Брера Струмица конечно ја пронајде средината во која максимално го истакнува својот потенцијал.
Неговите партии не поминуваат незабележано и секако ќе бидат од интерес и на македонската репрезентација. Следниот селектор ќе има уште едно сериозно име за разгледување, со оглед на тоа што формата и голгетерскиот биланс на Дориев се вистинска препорака за повик во националниот тим.
Инаку досега Љупче Дориев во дресот со македонскиот грб има девет настапи, но последен пат беше повикан во 2023 година.