Драма во последен момент: Гехи останува во Палас, трансферот во Ливерпул откажан

Очекуваниот трансфер на Марк Гехи во Ливерпул драматично пропадна, иако дефанзивецот на Кристал Палас веќе го имаше поминато медицинскиот преглед и беа разменети сите неопходни документи. 

Зделката вредна 35 милиони фунти требаше да биде потврдена на последниот ден од преодниот рок, а Гехи веќе се договори со Ливерпул за петгодишен договор. Но, трансферот неочекувано беше откажан во последен момент. 

Причината? Кристал Палас не успеа навреме да обезбеди соодветна замена. 

Палас го имаше таргетирано дефанзивецот на Брајтон, Игор Хулио, како наследник на Гехи, и тој дури помина медицински преглед. Но, во неочекуван пресврт, Хулио реши да се пресели во Вест Хем, оставајќи го Палас без посакуваната алтернатива. 

Иако клубот го донесе младиот штопер Џејди Канво од Тулуз, јасно беше ставено до знаење дека се потребни двајца нови играчи за Гехи да биде пуштен. Тренерот Оливер Гласнер остана цврст во ставот дека тимот мора да ги задржи клучните фудбалери доколку сака да остане конкурентен оваа сезона. 

Поради тоа, Гехи, кој има уште само една година од договорот и веќе им соопштил на клубските челници дека нема намера да го продолжи, засега останува на Селхурст Парк. И покрај пропаднатиот трансфер, тој и понатаму останува клучна фигура во Палас, каде што носи капитенска лента и има одиграно голема улога во успесите на тимот изминативе сезони.