Дубоа е болен и се повлече од борбата за светска титула

Светскиот првак во тешка категорија во верзијата ИБФ, британскиот боксер Даниел Дубоа се повлече синоќа од борба против Новозеланѓанецот Џозеф Паркер поради болест.
Борбата требаше да се одржи в сабота во Ријад. Дубоа во четвртокот беше подложен на тестови во Ријад и ја пропушти официјалната прес-конференција, а набргу потоа се повлече од борбата.
Не е соопштено за каква болест станува збор, пренесе Би-би-си.
Дубоа требаше да ја брани титулата во ИБФ по втор пат, откако минатиот септември го победи Ентони Џошуа во пет рунди на лондонскиот Вембли пред 96.000 гледачи.