Евертон го отпушти тренерот Рафаел Бенитез

Фудбалскиот клуб Евертон ја прекина соработката со тренерот Рафа Бенитез.

Оваа вест клубот од Ливерпул ја соопшти преку официјално соопштение во кое се вели:

„Клубот може да потврди дека ја прекина соработката со тренерот на првата екипа Рафаел Бенитез. Бенитез пристигна во Евертон во јуни 2021 година и ќе го напушти клубот веднаш. Информации во врска со поставување на нов тренер ќе бидат објавени во наредниот период“, порачаа од Евертон во краткото соопштение.

Шпанскиот тренер во Евертон стигна како замена за Карло Анчелоти, но од самиот старт не беше добро примен од страна на навивачите, и поразот од Норвич во Премиер лигата беше доволен за негов отказ.

Бенитез го остава Евертон на 15.место од табелата на само 6 бода над зоната за испаѓање од лигата.