Евертон не може да си ја дозволи платата на Хамес и го стави на трансфер листа

Новиот тренер на Евертон, Рафа Бенитез веќе работи на тоа да ги подготви плановите за новата сезона, меѓутоа истите би можеле да се променат бидејќи клубот планира да го продаде Хамес Родригез.

Самиот Бенитез посочи дека активно ќе биде во потрага по засилувања на трансфер пазарот, меѓутоа и додаде дека некои фудбалери со големи плати ќе мораат да си заминат за да се задоволат потребите од правилникот за финансискиот фер-плеј.

„Сите добро знаеме дека овој клуб потроши многу пари во изминатите неколку години, тоа значи дека Финансискиот фер-плеј е фактор“ рече Бенитез.

„Доколку имате фудбалери со големи плати кои не играат, тогаш се обидувате да пронајдете решение за таа ситуација, а решението можеби е во ангажман на нови фудбалери“ додаде шпанскиот фудбалски стратег.

„Дејли Мејл“ сепак го вметна Родригез како еден од фудбалерите на Евертон кој би можел да биде продаден овој летен преоден рок, а најмногу поради неговата висока плата која изнесува седум милиони фунти по сезона.