Евробаскет: Србија е нов европски шампион!

Во големото финале кое се играше во Валенсија, Србинките ја совладаа Франција со (63:54) и го повторија успехот од 2015. година, кога против истиот ривал дојдоа до својата прва круна.

Иако „триколорките“ беа фаворити пред натпреварот, Србија водеше во најголемиот дел од мечот и заслужено стигна до победата и титулата.

Првата „опиплива“ предност ја направи во втората четвртина кога по серијата од 13-0 поведе со 31-18. Франција врати со осум поени во низа, но Србија во третиот период стигна до највисоките +18 (46-28).

Повторно противникот постигна девет поени во низа, но тоа беше се што успеа да направи. Србинките мирно го одиграа последниот квартал и стигнаа до титулата.

Српската репрезентативка Соња Васиќ е прогласена за најкорисна кошаркарка на Европското првенство.

Во финалето против Франција постигна 12 поени, а шампионатот го заврши со просечен индекс 15 и и 18,6 поени по меч.

Заедно со неа, во идеалната петорка се најдоа уште Ема Месеман и Џули Олеман од Белгија, Џонкел Џоунс од БиХ и Енди Мијем од Франција.