Евролигата жестоко ја казни Црвена Звезда

Кошаркарскиот клуб Црвена звезда соопшти дека Евролигата го казни клубот и затвори дел од белградската Арена за натпреварот против Ефес во 33. коло.
Како што е наведено на сајтот на „црвено-белите“, клубот е казнет поради неспортското и неодговорно однесување на дел од публиката и поединци за време и по натпреварот против Реал Мадрид во минатото коло.
„За натпреварот од 33. коло во Евролигата со Анадолу Ефес, кој е закажан за петок, 4 април, во 20 часот, со одлука на дисциплинскиот судија, која е детално образложена, клубот нема да може да продава билети за 80 отсто од капацитетот на белградска Арена“, се наведува во соопштението.
Црвена звезда исто така во касата на Евролигата ќе мора да уплати и 16.000 евра.
Црвена звезда во петок од 20 часот го пречекува турскиот тим во 33. коло од Евролигата, а натпреварот е од големо значење во битката на двете екипи за плеј-оф и плеј-ин.
Црвено-белите се на деветтото место на табелата со скор 18-14, додека Ефес со истиот учинок е на шестата позиција.