Евролига го укинува Еврокупот?!

Тогаш кога помисливме дека Бертомеу воспостави одредени правила на игра како се влегува во Евролигата, се случи ново изненадување. Она што сега се најавува е уште „побомбастично“ од досегашните. Шпанскиот „Мундо Депортиво“ пренесува нови информации на таа тема, дека наводно се подготвува нов план за Евролигата во кој од сезоната 2023/24 веќе нема да има место за второто натпреварување, Еврокупот. Целта е Евролигата да се формира како затворено натпреварување, во кое сите клубови учесници ќе имаат долгогодишна лиценца, при што Еврокупот ќе ја загуби својата цел како натпреварување од кое би се пристапувало кон елитата, како што оваа сезона направија Монако и Уникс. Споменатиот извор открива дека пред неколку недели клубовите кои сега имаат лиценца, тие 11, извршија притисок врз Бертомеу да започне со спроведување на оваа идеја, во спротивно се заканија со барање за негово заминување од највисоката функција во Евролигата. Додатна причина зошто се бара укинување на Еврокупот се финансиите, бидејќи на Еврокупот годишно се трошат 7 милиони евра, а приходот е значително помал, наводно околу три милиони.