Египет со пресврт го совлада Нов Зеланд и се „чекира“ во елиминационата фаза

Репрезентацијата на Египет стигна до својата прва победа на Светското првенство, откако по негатива во првиот дел успеа да направи целосен пресврт и да слави со 3-1 над селекцијата на Нов Зеланд.

Почетокот на мечот им припадна на Новозеланѓаните, кои одлично го отворија дуелот и дојдоа до рана предност преку Сурмен уште во 15. минута.

Ова водство беше активно сѐ до 58. минута, кога Зико стрелаше прецизно за да ги врати работите на почеток израмнувајќи на 1-1.

Само десет минути подоцна, видовме вистинска фудбалска магија. По брилијантната асистенција со петица на Зико, Салах ја затресе мрежата за целосен пресврт и предност на „фараоните“ од 2-1.

Точка на натпреварот и конечни 3-1 постави „резервистот“ Трезеге, кој се запиша во листата на стрелци во 82. минута од средбата.

По комплетирањето на двете рунди, Египет изби на челната позиција во групата со четири бода, Иран и Белгија имаат по два, додека Нов Зеланд остана на дното со само еден освоен бод.