Едногодишна суспензија за германски тренер кој фалсификувал ковид-сертификат

Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) го суспендираше поранешниот тренер на Вердер, Маркус Анфанг на една година, откако беше откриено дека користел лажен сертификат за коронавирус.

Во ноември минатата година беше откриено дека Анфанг и неговиот помошник Флоријан Јунге користеле фалсификуван сертификат за вакцинација. Кога аферата избувна во јавноста, Анфанг и Јунге поднесоа оставки, а ДФБ започна истрага.

Дисциплинското тело на ДФБ го суспендираше Анфанг до 20 октомври годинава, а тој мора да плати казна од 20.000 евра, соопштија од фудбалскиот сојуз.

Казнет е и неговиот помошник. Тој е осуден на десетмесечна суспензија и парична казна од 3.000 евра.