Едно од најголемите промашувања на Алекс Фергусон ја заврши кариерата

Поранешниот играч на Манчестер Јунајтед Ерик Џемба Џемба објави крај на професионалната кариера на 41 година.

Тој импресионираше со своите настапи во француски Нант, од каде во 2003. година направи трансфер од соништа и пристигна во Манчестер Јунајтед.

Англискиот великан го плати 3.5 милиони фунти, а Сер Алекс Фергусон го доведе како потенцијална замена за Рој Кин. Сепак, планот не успеа и Камерунецот после две години замина во Астон Вила.

Неговиот највпечатлив момент во Јунајтед се случи во 2003 година, кога пред крајот на продолженијата постигна гол против Лидс во Лига купот.

„Можам само да кажам дека официјално се простувам од фудбалот. Имам фудбалска академија во Камерун и ќе се фокусирам на тоа да ги едуцирам младите играчи како да станат фудбалери и да изградат успешна кариера“– изјави Џемба Џемба.

По Астон Вила играше за Барнли и Сент Мирен, а кратко време беше и во регионов, носејќи го дресот на Партизан. Во текот на кариерата играше и во Катар, Индија и Индонезија, а последниот ангажман му беше во швајцарски нисколигаш.