Елмас: Во Торино се чувствувам како дома

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Елиф Елмас имаше квалитетни настапи во дресот на Торино оваа пролет, но се уште не се знае дали ќе продолжи кај „биковите“ со оглед на тоа што е позајмен играч од Лајпциг со кого е под договор до 30 јуни 2028 година.

Меѓутоа повеќе од јасно е дека оваа средина и Италија како држава повеќе му лежи на Елмас и тоа самиот го признава.

„Се чувствувам одлично во Торино, храната е добра и животот е добар, враќањето во Италија беше прекрасно. Тука е поинаку отколку во Германија, таму се се затвора во 18 часот и нема никој надвор што за мене беше чудно. Мојата адаптација во Торино беше брза и одлична благодарение на моите соиграчи и навистина топлите фанови, веднаш се почувствував како дома. Така е кога ќе се сретнеш со вистински луѓе“, порача офанзивецот кој за калчолигашот постигна 4 гола на 12 натпревари.