Ембид ќе игра за Франција на СП во кошарка

Менаџерот на француската кошаркарска репрезентација Борис Диау изјави дека тој и неговите колеги во Француската кошаркарска федерација ќе направат се што е во нивна моќ за да може Жоел Ембид да игра за „триколорите“ уште на Светското првенство во 2023 година.

Ембид (28) потекнува од Камерун, но тој никогаш не играше за репрезентацијата на својата земја. Пред неколку недели центарот на Филаделфија 76ерс се здоби со француски пасош, но во моментов нема дозвола од Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) за негово учество за репрезентацијата на Франција.

„Тој сè уште нема лиценца од ФИБА. Но, ќе биде убаво ако ја добие и може да игра за Франција. Знаеме дека тој веќе има француски пасош, па зошто да не, нашата цел е да имаме што повеќе добри играчи што е можно повеќе, за да состават добар тим“, изјави Диау.