Ендрик најнова идеја за нападот на Милан

Милан повторно ќе се обиде да го ангажира Ендрик од Реал Мадрид во јануарскиот преоден рок, откако бразилскиот напаѓач речиси и да не добива минутажа на „Сантијаго Бернабеу“.

20-годишниот фудбалер летово беше меѓу приоритетите на Милан за засилување на нападот, но тогаш Реал Мадрид не дозволи негово заминување. Сега ситуацијата е поинаква, бидејќи Ендрик досега има одиграно само четири минути за мадридскиот гигант во новата сезона.

Поради тоа, Милан планира во јануари повторно да испрати понуда за позајмица до крајот на сезоната, со цел Бразилецот да добие поголема минутажа и да го покаже својот потенцијал во Серија А.

Сепак, Милан нема да биде единствениот италијански клуб кој ќе се обиде да го доведе Ендрик. И Рома има сериозен интерес за младиот напаѓач и уште во летниот преоден рок се обидела да го донесе во своите редови.

Според информациите од Италија и Шпанија, двата клуба остануваат заинтересирани, па во јануари се очекува нова битка за потписот на Бразилецот.

Дополнително, односите меѓу Реал Мадрид и Милан се оценуваат како добри, што би можело да им оди во прилог на „росонерите“ во евентуалните преговори.

Ендрик пристигна во Реал Мадрид како еден од најголемите таленти на бразилскиот фудбал, но ограничената минутажа во Мадрид може да го натера клубот да размисли за привремена промена на средината.