Енес Уста и ФК Гостивар го загубија спорот пред судот во Лозана

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја информира јавноста дека Судот за спортска арбитража (CAS) во Лозана во целост ги отфрли жалбите поднесени од ФК Гостивар и Енес Уста и ги потврди одлуките донесени од надлежните органи на ФФМ.

Случајот се однесува на санкциите изречени по натпреварот ФК Гостивар – ФК Работнички (29. коло, 1 МФЛ, натпреварувачка сезона 2024/2025), поради организациски пропусти, присуство на неовластени лица во службените простории, како и поради напуштањето на теренот од страна на екипата на ФК Гостивар. Во рамките на постапките пред органите на ФФМ, на клубот му беа изречени соодветни дисциплински санкции, вклучително и одземање бодови, додека Енес Уста беше санкциониран поради своето однесување и поттикнување на настаните што доведоа до прекин на натпреварот.

По разгледувањето на жалбите, CAS во Лозана заклучи дека одлуките на дисциплинските и жалбените органи на ФФМ се донесени во согласност со важечките прописи, а изречените санкции се соодветни и пропорционални на утврдените прекршоци. Со тоа, жалбите на ФК Гостивар и Енес Уста се одбиени, а оспорените одлуки на ФФМ се потврдени во целост.