Ерик Ламела замина во пензија на 34 години

Ерик Ламела се огласи од болница по операција на колкот, откако поради долготрајни проблеми беше принуден рано да ја заврши кариерата. Поранешниот фудбалер на Тотнем објави фотографии и видео по зафатот, испраќајќи порака дека се надева на живот без болка.

„Малку ме боли, но со новиот колк се надевам дека ова е почеток на живот без болка. Поздрав до сите и благодарам за поддршката“, напиша Ламела.

Аргентинецот претходно откри дека со години се мачел со сериозни проблеми, вклучувајќи оштетена ‘рскавица и напреднат остеоартритис, што на крајот го принудило да стави крај на играчката кариера.

Ламела важеше за голем талент уште во Ривер Плејт, по што настапуваше за Рома и Тотнем, каде остави најголем белег. Подоцна играше и за Севиља, а кариерата ја заврши во АЕК. По пензионирањето, Ламела остана во фудбалот и се врати во Севиља како дел од стручниот штаб.