Еурофарм Пелистер го претстави Египќанецот Мамдух

Мохамед Мамдух Шебиб официјално беше претставен како ракометар на Еурофарм Пелистер. Тој позираше со зелено-белиот дрес во спортската сала „Боро Чурлевски“ на полувремето од натпреварот од Суперлигата против Радовиш.

По претставувањето Мамдух Шебиб изјави:

„Во тимот има многу ракометари со кои сакав да играме, има многу легенди, многу ракометари кои играле во големи клубови во Лигата на шампионите и македонски репрезентативци против кои играв во националниот тим. Македонците се слични како нас, сакаат сонце, сакаат слободен свет и баш тоа го затекнав тука. Во Египет имаме одлични навивачи, но така е и овде и едвај чекам да заиграм во Битола и да ја почувствувам атмосферата и поддршката.

Малку е потешка ситуацијата во која се наоѓаме по поразите минатата недела. Ја разбирам, но како играч барам поддршка од сите да излеземе од овој период и да отпочнеме нова победничка серија.

Зборував со Карим Хендави, тој е како брат за мене. Зборував и со Калифа Гедбан, Суси, Хосни и ми кажаа дека ќе уживам во ракометот тука“.

Дебито на новиот пивотмен на Еурофарм Пелистер се очекува неделава, која битолчани гостуваат во Данска против Фредериција и во Скопје против Бутел Скопје.