Еурофарм Пелистер потклекнна во дербито во Автокоманда

Еурофарм Пелистер го претрпе вториот пораз во Суперлигата, откако во дерби дуелот од последното коло на првиот дел на шампионатот загуби во Автокоманда од Алкалоид со 30-28 (14-10).
Дербито за Еурофарм Пелистер дојде само два дена по исцрпувачката победа над бундеслигашот Гумерсбах во Битола, натпревар во кој имаа негатива од пет гола на полувремето и успеаја до крајот да направат пресврт и да слават важна победа. Тој натпревар како да остави трага врз избраниците на Червар, па Алкалоид денеска на својт терен во Автокоманда беше подобар противник и ги однесе бодовите.
Со исклучок на почетните минути, домашниот состав константно ја имаше контролата над резултатот и на пауза замина со предностѕ од четири гола разлика 14-10.
Второто полувреме донесе сигурна игра на момците на Лазаров, Еурофарм Пелистер се до финишот не успеа да се доближи на помалку од три разлика. Моментот во кој можеби пропуштија шанса да се вратат во натпреварот беше кога Галевски на помалку од три минути до крајот одбрани пенал со кој Пелистер можеше да дојде до „минус два“. Во тој момент згаснаа и сите надежи за македонскиот вицешампион, па на крајот Алкалоид славеше заслужена победа.
Митревски собра десет за Пелистер, но тоа не беше доволно неговиот тим да го избегне поразот.