Еурофарм Пелистер се засили со Французинот Нтанзи

Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер, го потврди Саду Нтанзи како ново засилување на тимот, станува збор за француски ракометар кој четири години беше член на ПСЖ.
Пелистер го потврди Саду Нтанзи за ново засилување. Тој веќе некое време беше во Битола и тренираше со екипата, а откако беа решени сите формалности, неговиот ангажман е комплетиран и официјално објавен.
„Ни претставува големо задоволство што во нашето ракометно семејство повторно ќе ги отвориме „вратите“ на ракометар од голената светска сила – Франција. Нов член на Еурофарм Пелистер е ракометар кој доаѓа од школата на Пари Сен Жермен и ги мина сите младински категории на француската репрезентација.
Добредојде во Битола за Саду Нтанзи. Новиот среден бек на Еурофарм Пелистер има 26 години, доаѓа во Битола од бундеслигашот Мелсунген и ќе биде еден од ретките ракометари од Франција кои играле или ќе играат во Македонија. Тој се обврза на договор на една сезона со нашиот клуб. Нтанзи четири години беше член на ПСЖ и освои исто толку титули во шампионатот на Франција. Потоа мина една сезона во Феникс, една во унгарска Татабања, а минатата сезона настапуваше за Ал Араби од Катар и Мелсунген од Германија.
Покрај четирите титули со ПСЖ, со оваа екипа Нтанзи освои и еден Куп и Суперкуп, а со Мелсунген се пласира во Лигата на шампионите оваа сезона, откако минатата година ја освоија Лигата на Европа“, стои во соопштението на Пелистер.