Еурофарм Пелистер слави во дербито со Алкалоид и останува перфектен во плеј-офот

Еурофарм Пелистер се врати на првото место во ракометниот плејоф, откако вечерва во возбудлив и интересен натпревар го доби дербито со Алкалоид Ракомет. Триумфот од 30-28 значи дека битолчани остануваат главни претенденти за највисок пласман и оваа сезона, но од друга страна, Алкалоид го претрпе и вториот пораз во третото коло од разигрувањето, што прави работите за избраниците на Кирил Лазаров да бидат доста посложени.

Младиот Алкалоид денес беше далеку поконкурентен и беше во егал ситуација во најголем дел од мечот, но на крајот пресуди искуството на домаќините, како и огромната поддршка која ја добиваа играчите во зелено од своите навивачи.

Еурофарм Пелистер победи со два разлика и останува перфектен на стартот на плејофот, па сега има вкупно девет бодови, еден повеќе од второпласираниот Вардар. Најдобар стрелец кај домашниот тим беше Филип Кузмановски со осум гола, а седум додаде Богдан Радивојевиќ. Клучна улога во победата играше голманот Филип Ивиќ кој забележа пет интервенции во клучните моменти. Кај Алкалоид, Мартин Серафимов имаше девет постигнати гола.