Еурофарм Пелистер 2 ја загуби драмата во Кавадарци

По ремито со Бутел Скопје, екипата на Еурофарм Пелистер 2 не успеа да извојува победа во уште еден директен дуел за место во плеј-офот. Екипата на Александар Зарков загуби на гостувањето во Кавадарци против Тиквеш со 27-26 и значително ги намали шансите за место меѓу шесте најдобри.

Битолчани одиграа добро прво полувреме и создадоа предност од три гола на паузата (12-15), но домаќините потоа се вратија и внесоа неизвесност во завршницата. Мартин Димовски беше човекот кој го врати Тиквеш во игра. Прво израмни на 23-23 во 54. минута и најави мала драма во финишот. Кавадарчани во овие моменти беа без Богдан Мијушјковиќ (три исклучувања), но Димовски повторно стапи на сцена и донесе прво водство за домаќинот (25-24).  Пелистерци имаа гол негатива на почетокот на последната минута, го „прокоцкаа“ последниот напад со непромислено пробивање, па така домаќинот на крајот славеше со конечни 27-26. 

Најефикасен во таборот на Тиквеш беше Петар Цветковски со осум голови, а на спротивната страна ист учинок имаше Христијан Митревски. 

Во последното есенско коло Еурофарм Пелистер 2 на домашен терен ќе го пречека тимот на Пролет.