Еурофарм Пелистер 2 ја освои Струга и влезе во позитивна серија

Еурофарм Пелистер 2 се избори за победа од 22-26 на гостувањето кај Струга во натпреварот од единаесеттото коло во македонската ракометна Суперлига.

По првите триесет минути битолчани имаа предност од еден гол (11-12), а неизвесната игра продолжи и во второто полувреме, иако гостите постојано беа во водство од два до три гола. Стружани побараа тајм-аут во 47. минута при резултат 17-20 во корист на гостинот, но предноста на битолчани не се намалуваше. Времето изминуваше, пелистерци не дозволуваа лесен пристап кон својот гол и уште повеќе ја зголемија разликата, па така на крајот успеаја да го заокружат петтиот сезонски триумф и славеа со конечни 22-26.

Најдобар поединец во победничкиот тим беше Одифред Баптист со осум голови, а на спротивната еден гол помалку имаше Ненад Костески.

Следниот викенд во 12. коло на Суперлигата, Еурофарм Пелистер 2 ќе го пречека Прилеп.