ЕУРО 2020 – 05. Турција одблиску
Турците фудбалски се издигнаа во последните три децении!
Фудбалската репрезентација на Турција ја претставува Турција на меѓународните фудбалски натпреварувања и е под контрола на Фудбалскиот сојуз на Турција.
Досега, Турција трипати се квалификувала на Светско првенство: 1950, 1954 и 2002 година. Меѓутоа, пред почетокот на првенството во 1950 репрезентацијата морала да се повлече поради финанскиски проблеми. Најдобриот резултат на Светските првенства го оствариле во 2002 година во Јапонија и Јужна Кореја освојувајќи го третото место.
На Европските првенства учествувала трипати. Најдобриот резултат на Турците им е полуфиналето во 2008 година. Исто така, турската репрезентација учествувала шест пати на Олимписките игри каде најдобриот резултат го оствариле на Игрите во 1948 и 1952 година, стигнувајќи до четвртфиналето.
Во 2003 година после откажувањето на Германија, Турција за првпат настапила на Купот на конфедерации и исто како и година дена претходно на Светското првенство го освоила третото место.
Најсилниот турски блесок на Мундијалот во Јапонија и Јужна Кореја!
Својот прв историски натпревар Турција го одиграла на 26 октомври 1923 година против Романија. Првиот официјален натпревар Турција го одиграла на 25 мај 1924 на Олимписките игри против Чехословачка.
Со победата од 7-0 над Сирија, Турција обезбедила учество на Светското првенство во 1950 година, но поради финансиски проблеми го откажала учеството во Бразил. Четири години подоцна Турција повторно се квалификувала за Светско првенство, играјќи бараж против Шпанија. Во првиот натпревар Шпанија победила со резултат 4-1, но во реваншот Турција била подобра со 1-0. Тогашните правила биле такви да ниту една од двете репрезентации не се квалификувала за Светско првенство во 1954 година, па било одлучено со фрлање на паричка. После подобрата среќа во фрлањето на паричката, при извлекувањето на групите, Турција немала среќа. Добиле група во која противници им биле Западна Германија, Унгарија и Јужна Кореја. По тогашните правила секоја репрезентација во групата морала да одигра натпревар со две противнички репрезентации. Во таквиот систем Турција воопшто не играла против Унгарија. Својот прв натпревар на Светските првенства, Турција го одиграла на 17 јуни 1954 година против Западна Германија. Со пораз од 4-1 против Германците и победа против Јужна Кореја со убедливи 7-0, Турција ги завршила своите настапи во групата со два освоени бода колку и Западна Германија поради што овие две репрезентации морале да одиграат бараж за да се одлучи кој ќе помине понатаму. Во баражот Западна Германија ја победила Турција со резултат 7-2. Во 1956 година Турција одиграла пријателски натпревар против една од тогаш најсилните светски репрезентации, репрезентацијата на Унгарија во Истанбул и победила со 3-1.
Без оглед на уведувањето на националното првенство, и настапите на турските клубови во европските натпреварувања, периодот од 1960 до 1990 година бил разочарувачки за турската репрезентација. Во тој период репрезентацијата ги претрпела својте највисоки порази со 8-0 против Полска и двапати против Англија.
Од почетокот на 90-тите Турција почнала сериозно да вложува во најважната споредна работа на светот, а првите видливи резултати дошле во 1996 со пласманот на Европското првенство во Англија. Таму завршија со нула бодови и три порази во групата од Хрватска, Португалија и Данска.
Во меѓувреме не успеаја да се пласираат на Светското првенство во1998 во Франција, но затоа повторно се квалификувале за првенство на стариот континент играно во Холандија и Белгија во 2000. Таму успеале да ја минат групната фаза, завршувајќи како втори во конкуренција на Италија, Шведска и Белгија и да стигнат до четвртфиналето, каде биле елиминирани од Португалија.
На Светското првенство 2002 во Јужна Кореја и Јапонија, Турција го освои фантастичното трето место. Ја помина групата во која биле уште Бразил, Костарика и Кина, а потоа ја совлада Јапонија и Сенегал. Во полуфиналето загуби од Бразил, а во натпреварот за трето место го победи домаќинот Јужна Кореја со 3-2.
Во 2008 година Турците стигнаа до полуфиналето на Европското првенство во Австрија и Швајцарија. Турската репрезентација најпрво ја мина групата, во која се наоѓаа неколку силни репрезентации како Португалија, Чешка и Швајцарија, а во четвртфиналето ја елиминира Хрватска по продолженија. Во полуфиналето Турците беа поразени од Германија.
Хакан Шукур е најдобриот и најпопуларниот играч на сите времиња. Има постигнато речиси 200 гола во турската лига. Постигнал 51 гол за репрезентацијата и неприкосновено го држи рекордот за најдобар стрелец на турската репрезентација.
Селекторот Ѓунеш најзаслужен за успесите!
Искусниот фудбалски стратег Шенол Ѓунеш во март 20219 година беше именуван за нов селектор на репрезентацијата на Турција.
Фудбалската федерација на Турција се одлучи да го врати Ѓунеш на клупата на националниот тим која ја водеше и во периодот од 2000 до 2004 година.
Ѓунеш е најуспешниот турски селектор со кого оваа селекција стигна до третото место на Светското првенство во 2002 година. Сега желбата на Турците е со Ѓунеш повторно да бидат учесници на ЕП 2020 и СП 2022.